Образование


Образование ( латински: educatus, educate, educere — изнесува, ducere — водење) е процес на промена на личноста во посакуваната насока со усвојување на различни содржини во зависност од возраста и потребите на поединци. Образованието вклучува и воспитни, покрај образовните содржини. Најзначајна образовна институција од образовно-воспитен карактер е училиштето. Со развиток на системот за комуникација, образованието станува глобален процес каде е тешко да се усмерува само во саканиот правец на одредена социјална заедница.
Образованието е процес со кој општеството ги пренесува акумулираните знаења, вештини и вредности од генерација на генерација. Образованието во својата модерна форма, која вклучува обука во посебно изградени објекти, почнало да се развива постепено. До пред 150 години, децата на побогатите имале приватни учители, а поголемиот број од населението немал никакво образование до првите децении од 19 век, кога во Европа и во САД започнал да се воведува системот на основно училиште.
Историја
[уреди | уреди извор]Платон е првиот голем филозоф, кој го даде своето толкување на образованието. Тој го видел образованието, како клуч за создавање и одржување на неговата држава. Тој се залагал девојчињата и момчињата да го добијат истото основно образование, и да имаат еднакви права. Основното образование требало да се состои од гимнастика и музика која ќе изгради хармонична личност.
На возраст од 20 години, би се правел Избор: за најдобрите би биле обезбедени повеќе напредни студии по математика, геометрија, астрономија, и хармонија. Високото образование би траело 10 години, и тоа за оние кои имаат интерес за науката. Кога луѓето ќе наполнат 30 години, би постоел уште еден избор: оние кои ги исполнуваат условите, би учеле дијалектика, метафизика, логика и филозофија во текот на следните пет години, а потоа би заземале позиции во војската на 15 години, и на 50 години би имале целосно теоретско и практично образование.
Општествена функција на образованието
[уреди | уреди извор]Образованието има важна функција во секое општество. Поради важноста на образованието секоја влада сака да ја дефинира својата концепција и содржина, за секој поединец да ги прифати вредноста и нормите на системот. Поради тоа државата обезбедува финансирање на образованието. Покрај тоа, во однос на содржината, таа настојува да ги утврди социјалните норми и вредности и да се изгради свест за припадност кон својата заедница, општествена група, религија.
Преку образованието, исто така, се развиваат чувства за сопствената култура, почитување на принципите и солидарноста. Преку школување се обликува свеста и гледиштето на поединецот, кога станува збор за процеси во општеството и системот на власта. Сите образовни системи се засноваат на познавање на историјата на општеството. Институционализацијата на образованието и покрај тоа што врз основа на усвојување на збир од правила и социјални вредности, се огледува и во знаења и вештини кои поединецот ги совладува во процесот на обуката. Преку силен образовен систем се менува структурата на општеството, на семејството и професијата. По Талкот Парсонс училиштето е мост меѓу семејствата и општеството како целина. Училиштето го подготвува детето за неговата улога. Образованието е всушност израз на социјалниот систем. Тоа денес значи еднакви шанси кои отвораат можност за менување на положбата кај некои поединци кои ја стекнале со раѓање или наследство. Тоа е многу важно за социјалнен престиж, власт и моќ. Стекнатите знаења и образовните вештини се многу применливи и корисни во практичниот живот. Иако лицата се стекнуваат со знаењата поединечно тоа е богатство на сите луѓе во општеството.
Социолошки теории на образованието
[уреди | уреди извор]Сите теории на образование се во договор за неговата голема важност, но тие даваат различни објаснувања и предлози:
Функционална теорија
[уреди | уреди извор]Според овие претставници на социјализацијата функција на образованието е најважна. На пример, Емил Диркем верува дека училиштето е мост меѓу поединецот и општеството. Според него, современите општества се хетерогени, со развиена поделба на трудот, настапуваат многу различни лица. Во оваа разновидност, која не може да се спречи потребно е да се донесат некои количини на хомогеност, еднаквост, за да се осигура интеграцијата на општеството.
Училиштето е главно средство за постигнување еднаквост. Талкот Парсонс, исто така, сметал дека училиштето е жариште во модерните друштва. Училиштето ги учи децата за тоа како друштвото не е составено од родителите, роднините, пријателите, туку дека во одделението можностите и условите се еднакви за сите. Училиштето ги учи децата да ги прифатат разликите меѓу партикуларистичките и универзалистичките норми на вреднување, а тоа е важно за да се вклучат во светот на возрасните.
Партикуларните норми значат вреднување на поединец по она што е, а не кој е. Родителите ги вреднуваат децата како свои, како посебно, а не како другите деца. Овие се стандардите поврзани со пропишаната позиција. Унивeрзалистичките норми значат дека поединецот е само една од многуте (еднаков) и дека неговата позиција е условена во споредба со другите, а не однапред загарантирана. Ова значи дека неговите постигнувања се вреднувани од гледна точка на општите стандарди, прифатени во општеството, а не од гледна точка на одредени критериуми (да се биде нечие дете или да припаѓа на некоја раса, религија, нација, итн.)
Баш тука детето ја учи разликата што е многу важно да се подготви за иднината. Од гледна точка на социјализација, образованието не подразбира само пренос на вредности и норми на општеството, но, според Парсонс таму се учат најважните правила на животот.
Манифестна функција на училиштата
[уреди | уреди извор]Манифестната функција на училиштата се состои во следното:
- - Пренос на културните традиции и социјализацијата
- - Училиштето значи функционирање на општествен систем како целина. Училиштето е друштвена институција која служи за селекција и распределба на друштвена положба.
Во училиштето треба да се почитуваат меритократските правила - систем на пристрасни, објективни мерила на вреднување на способноста, трудот и достигнувањата на поединците. Овие принципи треба да се вредуваат во целото друштво (кој работи посложена работа треба подобро да се плати), но се особено значајни во училиштето. Ова значи дека учениците кои се трудат повеќе и имаат подобри вештини, треба да добијат подобра оценка, која ќе им овозможи да го продолжат своето образование и подобро платена работа, а со тоа и подобра општествена положба.
Училиштето би требало да служи како друштвен механизам на избор на најспособни поеднинци кои ќе заземаат најзначајна положба во општеството. Во исто време, училиштето е општествен механизам на распределба-дистрибуција на луѓето во одредени професионални улоги. Со исполнување на овие две важни функции, училиштето придонесува за зајакнување на социјалната интеграција. Ова е особено важно во расни и етнички мешани друштва. На пример, во САД се учи што тоа значи да се биде Американец од различно расно и етничко потекло. Младите таму усвојуваат заедничко културно наследство и се подготвени да бидат одговорни граѓани.
Покрај манифестната функција на училиштата, постои и латентна (ненамерна) функција, како:
- Училиштата служат како институции за згрижување на деца, места каде што децата се безбедни
- Училиштето како „брачен пазар“, може да служат младите да избираат партнери од слично друштвено потекло
- Училиштето развива друштвени вештини за комуникација, сколопување пријателства
- Формалното образование ги чува младите луѓе на пазарот на трудот, а со тоа предизвикува намалување на невработеноста и спречување на конкуренција помеѓу младите и возрасните за работа
Конфликтни теории за образованието
[уреди | уреди извор]Овие теории ја нагласуваат улогата на училиштата во репродукцијата и легализација на постојните друштвени односи. Училиштето не го гледаат како можност да се изградат духовни способности на поединецот и на подемот на друштвената скала, туку како друштвен механизам за одржување на системот на друштвената стратификација. Генерално се смета дека во училиштето е најважна идеолошкиот апарат на државата во капитализмот.
Државата ги задржува постојните социјални односи (поделба меѓу капиталистите и работниците). Преку репресивните апарати (полицијата, судството, војската) и идеолошките апарати (религија, семејство, итн.) Училиштето е најважниот идеолошки државнен апарат, бидејќи во училиштето не се учат само знаења и вештини потребни за работа, туку се пренесува и идеологија. Главната цел на идеологијата на училиштата е да ги убеди идните вработени дека нивната позиција е природна, непроменлива и оправдана. На училиште, идните работници се учат да бидат точни, послушни, дисциплинирани, на начин што нема да го загрози постоечкиот систем на производство и организацијата на општеството како целина.
Во конфликтните теории може да се издвои како важен принципот на коресподенција (спогодба). Односите во училиштето се складни (коресподентни) во однос на работното место. Децата во училиште се подготвуваат за своите улоги во пазарот на трудот. Авторитарната структура на училиштето е слична на бирократската структура на компанијата и во двете позитивно се вреднува: напорна работа , послушност , подложност. Постои уште една сличност: На училиште не се учи за знаење туку за оцена, а возрасните не работат затоа што ја сакаат својата работа туку дека се мотивирани само со плата. Училишната скриени програма има за цел суптилно да ги обликува децата по барањата на владините институции. Наставниците ги обликуваат особините кои се во склад со стандардите на средната класа (совесност, одговорност, сигурност, самоконтрола, ефикасност). Од учениците се бара да бидат точни, тивки, да го чекаат својот ред, да се прилагодат со барањата на групата.
Образованието во економската теорија
[уреди | уреди извор]Во економската теорија образованието има двостран третман: од институционален аспект, тоа е процес (дејност) при што главниот нагласок се става на неговата организација и на ефикасноста; од друга страна, тоа се третира како активност со која се стекнува човечкиот капитал. Така, според Теодор Шулц, „образованието е човечко затоа што е интегрален дел од човекот, а тоа е капитал затоа што претставува извор на идните задоволства и приходи.“ И според Гари Бекер, „издатоците за образование... се инвестиции во капитал. Меѓутоа, сите овие произведуваат човечки, а не физички или финансиски капитал..“ Во тие рамки, образованието може да се дефинира во потесна и во поширока смисла: во потесна смисла, образованието може да се дефинира како капитал што се стекнува во образованите институции, односно во формалното образование, додека во поширока смисла, тоа го опфаќа и неформалното образование кое се стекнува во семејството, на работното место и во целокупното опкружување.[1]
Образованието како потрошувачка и како инвестиција
[уреди | уреди извор]Од економски аспект, образованието може истовремено да се смета како потрошувачка и како инвестиција при што потрошувачката компонента се изразува низ задоволството поврзано со образованието, додека инвестициската компонента е изразена во зголемувањето на заработката (доходот) на поединецот. Меѓу економистите постојат различни мислења за тоа кој степен на образование претставува потрошувачка а кој инвестиција: повеќето економисти не го сметаат основното образование како инвестиција, за средното образование постојат поделени мислења, а високото образование речиси едногласно се смета за инвестиција.[2]
Ефектите на образованието на страната на потрошувачката се:[3]
- развој на поединецот како личност
- посодржаен и целовит живот на поединецот
- проширување на хоризонтите во животот
- реалност во поставувањето на желбите
- проширување на списокот на потребите
- поттикнување желба за експериментирање при задоволувањето на потребите
- менување на логиката при вреднувањето на нештата
- критички однос кон квалитетот и цените на добрата и услугите
Од друга страна, ефектите на образованието од страната на инвестициите се:[4]
- пораст на знаењата и способностите, а со тоа и пораст на поединечната и на општествената продуктивност
- намалување на деловниот ризик на претпријатијата и проширување на нивната производна дејност
- пораст на вработеноста, бруто-домашниот производ, животниот стандард и општата благосостојба
- пораст на инвентивноста и на иновациите
Образованието и стопанскиот раст
[уреди | уреди извор]Врската меѓу образованието и стопанскиот раст може да се претстави на следниов начин: образованието предизвикува пораст на продуктивноста, а тоа понатаму води кон поголема можност на работникот за примена на новите технологии кои пак се двигател на стопанскиот раст. Меѓутоа, од друга страна, стопанскиот раст повратно влијае врз унапредувањето на образованието. Во економетриските истражувања на врската меѓу образованието и стопанскиот раст, образованието најчесто се претставува преку следниве показатели: степенот на писменост на населението, учеството на образованите работници во вкупната работна сила, трошоците за образование како процент од БДП, квалификацијата на работниците, просечните години на образование итн. Според Теодор Шулц, ако се бара врската меѓу образованието и стопанскиот раст би требало да се воведат три различни сразмери: образование — труд, образование — доход, образование — инвестиции. Првиот сразмер го претставува односот меѓу наставниците и учениците и вкупната работна сила, вториот сразмер е изразен преку односот меѓу средствата за образование и доходот на потрошувачите, а третиот сразмер го претставува односот меѓу инвестициите во образованието и инвестициите во производството.[5]
Емпириските истражувања на придобивките од образованието ги даваат следниве заклучоци:[6]
- земјите со висок просечен број на години на образование на работната сила имаат повисок стопански раст
- членките на ОЕЦД остварија висок стопански раст како последица на брзиот пораст на образованието на работната сила
- најголемите ефекти на образованието се изразуваат преку продуктивноста
- ако во образованата работна сила се вклучат научниците и инженерите, тогаш постои позитивен ефект врз продуктивноста
- истражувањата и развојот се важни за продуктивноста, а ефектите од овие активности се прелеваат врз останатите претпријатија и врз целата економија
- образованието има силно влијание врз инвестициите во физички капитал
- за да се прелеат придобивките на образованието врз продуктивноста од високоразвиените врз другите економии, потребни се многу години.
Оценување на економската ефикасност на инвестициите во образованието
[уреди | уреди извор]Оценувањето на економската ефикасност на инвестициите во образованието се врши со помош на различни техники, како: анализата на трошоците и придобивките (англиски: cost-benefit analysis), анализата на трошоците и ефективноста (англиски: cost-efectiveness analysis), линеарното програмирање, операционите истражувања, анализата на влезни и излезни вредности (англиски: input-output analysis), економетриски модели итн. Економската анализа на трошоците и на придобивките од образованието се сведува на неколку чекори: определувањето на трошоците и користите, вреднување на трошоците и користите, определување на стапката по која ќе се дисконтираат трошоците и користите и избор на методата за оценување на ефикасноста на инвестициите. Вкупните трошоци за образованието се состојат од три категории: директни расходи на општеството, трошоците кои ги прават поединците и опортунитетните трошоци. Директните расходи за образованието се однесуваат на платите на наставниците, материјалните трошоци на училиштата итн. Трошоците на поединците ги опфаќаат издатоците кои ги покриваат родителите во текот на школувањето на децата, како: трошоците за превоз, за исхрана, за сместување, за учебници итн. Најпосле, за време на своето образование, учениците и студентите, всушност, ја пропуштаат можноста да се вработат. Оттука, опортунитетните трошоци се однесуваат на збирот на платите кои би можеле да бидат заработени за време на школувањето. Од општествен аспект, овие опортунитетни трошоци го претставуваат изгубениот бруто-домашен производ што би се остварил ако учениците и студентите би биле вработени во периодот на нивното школување. Слично на тоа, и користите (придобивките) од образованието можат да бидат директни и индиректни. Директните користи можат да имаат инвестициски или потрошувачки карактер, во зависност од тоа дали користите се остваруваат во иднина или денес. Во продолжение, образованието на поединецот создава и индиректни (екстерни) користи кои ги ужуваат другите во општеството. Директниет користи од образованието можат да се поделат на: директни финансиски приноси (повисоката плата како резултат на образованието), финансиски опции на приносите (можноста да се продолжи натамошното образование), нефинансиски (немонетарни) опции (поголем избор на занимања, можност за патувања, поголем избор меѓу работата и слободното време) и опции (можности) за приспособување кон технолошките промени.[7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 30-32.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 32-33.
- ↑ Трајан Гоцески, Економика на образованието. Куманово: Македонска ризница, 2003, стр. 96-97.
- ↑ Трајан Гоцески, Економика на образованието. Куманово: Македонска ризница, 2003, стр. 96-97.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 34-38.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 40-41.
- ↑ Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 46-57.
|